Струга се надева на нов триумф, а Арсими на крај на црната серија

Денеска во рамки на осмото коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе се соочат Струга и Арсими.

Струга се надева на нов триумф и одржување на чекорот со лидерот Шкендија, додека Арсими се наоѓа во лоша серија и не знае за победа на последните три натпревари.

Напаѓачот на Струга, Марјан Радески кажа дека имаат почит кон ривалот, но целта на неговиот тим е јасна, а тоа е освојување на три бодови.

„Го почитуваме Арсими, но Струга Трим Лум има јасна цел, а тоа е трите бода да останат кај нас. За да го оствариме тоа, мораме да дадеме и повеќе од максимумот за да стигнеме до посакуваниот резултат. Во модерниот фудбал сите знаеме дека повеќе нема лесни противници. Затоа мораме да бидеме на потребното ниво и да одиграме како што знаеме, за да ја продолжиме победничката серија на домашен терен“, кажа Радески.

Струга досега се соочи четири пати против Арсими, три пати во лигата и еднаш во пријателски меч, а притоа има три триумфи и еден пораз.

Натпреварот меѓу Струга и Арсими се игра денеска од 16 часот.

Фото: ФК Струга