Акоста испиша историја на ГН на Австрија – прва Мото ГП победа во кариерата!
Дваесет и двегодишниот возач на КТМ имаше беспрекорен настап, поправајќи го впечатокот од вчерашниот спринт. Тој ги остави зад себе Хорхе Мартин на Априлија и Марко Бецеки. Иако заврши како второпласиран, Мартин со овој резултат изби на лидерската позиција во генералниот пласман.
Трката започна со одличен старт на Мартин кој ја задржа лидерската позиција. Во вториот круг Бецеки успеа да го претрка, но возачот на Априлија веднаш возврати и го врати првото место. Во меѓувреме, Акоста го демнеше Бецеки и набрзо го презеде второто место, доближувајќи се на само 0,413 секунди зад лидерот. Младиот Шпанец трпеливо ја чекаше својата шанса и во деветтиот круг успеа да го претрка Мартин. Тој успешно го одби противнападот, по што создаде предност од половина секунда и во голем стил ја заврши трката.
Светскиот шампион Марк Маркез имаше трка исполнета со осцилации. Уште на стартот тој загуби позиции од Бецеки и Огура, а по одличниот потег на Акоста падна на петтото место, оставајќи ги зад себе Бањаја, Ди Џанантонио и Квартараро. Во десеттиот круг, Маркез направи голема грешка со доцно сопирање, поради што беше престигнат од Биндер и Алдегер. Сепак, на осум кругови пред крајот, тој успеа да се консолидира, да ги претрка ривалите и на крајот да заврши како петтопласиран. Неговиот брат Алекс Маркез не ја заврши трката поради пад во 13. круг.
По трката во Австрија, Хорхе Мартин е нов лидер во генералниот пласман со 294 бода, пред Марк Маркез кој има 285 бода. На третата позиција се наоѓа Марко Бецеки со 257, Педро Акоста се проби на четвртото место со 234, додека Фабио Ди Џанантонио е петти со вкупно 231 бод.