Луд спринт: Мартин падна на седмо место, па со епски пресврт победи во Австрија (ВИДЕО)

Возачот на Априлија, Хорхе Мартин, е победник на денешната спринт-трката за Големата награда на Австрија во Мото ГП шампионатот.

Првата од двете пресметки на патеката „Ред Бул ринг“ беше одбележана со вистински хаос на самиот почеток и голем кикс на Педро Акоста во самата завршница, што му овозможи на Шпанецот да стигне до значаен триумф и да се врати на врвот во генералниот пласман. Мартин ја започна трката од пол-позицијата, но уште во првиот круг Марк Маркез го истурка надвор од патеката, по што тој падна во пласманот и се најде на седмото место. Ваквата гужва на стартот максимално ја искористи Педро Акоста, кој веднаш го презеде првото место.

Изгледаше дека возачот на КТМ има сигурна победа во џебот, сè до самиот финиш. На само три круга пред крајот, Акоста доживеа падна, а целата ситуација ја искористи Мартин, кој во меѓувреме успеа со одлично возење да се пробие сè до втората позиција и на крајот како прв да ја мине целната линија.

Благодарение на овој триумф, Мартин повторно е првопласиран во генералниот пласман и сега има три бода предност во однос на Марк Маркез, кој спринт-трката ја заврши на второто место, додека трет низ целта мина Марко Бецеки. До бодови на оваа трка стигнаа и Аи Огура, Алекс Маркез, Франческо Бањаја, Жоан Зарко, Фермин Алдегер и Бред Биндер.

Главната трка на „Ред Бул ринг“ е на програмата в недела со почеток во 14 часот.