Мбапе го откачи Најк за да соработува со бренд кој сè уште нема свои копачки

Килијан Мбапе ја прекина соработката со Најк по две децении и стана заштитно лице на швајцарскиот бренд Он. Со ова партнерство, Он, со помош на француската фудбалска ѕвезда, започнува го о својот влез на фудбалскиот пазар.

Напаѓачот на Реал Мадрид од друга страна ја заврши соработката со Најк која траеше од 2006 година. Мбапе со текот на времето стана едно од најважните лица на Најк, а американската компанија го сметаше за еден од своите главни глобални амбасадори.

Според „The Athletic“, Французинот ги одбил понудите од Адидас и Пума и се одлучил за компанија која допрва треба да ги претстави своите први фудбалски копачки. Брендот Он е првенствено познат по обувките за трчање, а во последните години го прошири своето работење и во тенисот. Едно од најпознатите имиња поврзани со компанијата е Роџер Федерер, кој му се приклучи на брендот во 2019 година и доби сопственички удел.

Швајцарскиот производител сега планира сериозен влез во фудбалот. Првите копачки има намера да ги претстави во 2027 година, а Мбапе ќе биде централната фигура на целиот проект.

Компанијата за директор на фудбалскиот оддел го именуваше и Тјери Анри, легендарниот француски напаѓач. Финансиските детали од договорот не се објавени, но „The Athletic“ пишува дека францускиот репрезентативец како дел од договорот добил и сопственички удел во компанијата.

Мбапе нема да биде само амбасадор на производите. Како што е најавено, тој директно ќе соработува со развојните тимови и со своето искуство ќе помага во создавањето и тестирањето на идните фудбалски копачки и опрема.

„Од самиот почеток ме привлече можноста заедно да изградиме нешто целосно ново што ќе помогне во обликувањето на фудбалот на иднината. Сакам моето искуство и перспектива да ги пренесам во она што го создаваме, да ги поместуваме границите преку иновации и секогаш да останеме верни на радоста на фудбалот. Имаме заеднички сон, а ова е само почеток“, порача Мбапе.