Солзи во Боговиње: Шерифи постигна гол и го посвети на загинатиот соиграч Николовски (ВИДЕО)

Фудбалерот на Дрита Боговиње, Рамадан Шерифи, го одбележа натпреварот против екипата на Јехона (7-1) со емотивен потег, посветувајќи го својот погодок на трагично загинатиот соиграч Даниел Николовски.

Натпреварот мина во знакот на длабока тага и почит кон 21-годишниот фудбалер чиј живот прерано згасна. Николовски, кој во текот на овој летен преоден рок се приклучи на тимот од Боговиње, го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа на патниот правец од клучката за Маврово кон Гостивар (прочитај ТУКА). Оваа трагична вест длабоко ја потресе целокупната македонска спортска јавност, а особено неговите нови соиграчи кои одлучија победата и настапот да му ги посветат токму нему, оддавајќи му последна почит на зелениот терен преку гестот на Шерифи.

Младиот фудбалски талент зад себе остави кратка, но интернационална спортска биографија. Покрај настапите за својот матичен клуб Тетекс од Тетово, Николовски градеше кариера и надвор од границите на Македонија, бранејќи ги боите на германскиот нисколигаш Релинген Фремерсдорф, како и на хрватскиот тим Хрватски Витез од Задар.