Нема крај на маките на Атлетико: Алварез пак не игра

Атлетико Мадрид остана без Хулијан Алварез за денешното гостување кај Реал Сосиедад во Сан Себастијан, откако аргентинскиот напаѓач се пожали на мускулен проблем на последниот тренинг.

Алварез почувствувал болки во текот на саботната тренинг-сесија и не ја довршил работата со тимот. По дополнителните медицински прегледи било одлучено да не настапи против Реал Сосиедад, со цел да не се ризикува влошување на неговата состојба.

Ова е нов удар за Диего Симеоне во исклучително важен момент. Атлетико во Сан Себастијан пристигнува по два последователни порази – убедливите 0-3 од Атлетик Билбао во Ла Лига и 1-2 од Ливерпул во Лигата на шампионите. Првично се очекуваше Алварез повторно да биде стартер, откако доби место во почетниот состав против Ливерпул. Неговото отсуство дополнително го ограничува изборот на Симеоне во нападот, особено поради фактот што и Александер Серлот е надвор од комбинација поради повреда.

За Атлетико ова е особено незгодно бидејќи натпреварот на „Аноета“ има големо значење за тимот. Мадриѓаните мора да реагираат по лошиот старт и да избегнат нов кикс, додека Реал Сосиедад сака да ја искористи ситуацијата и да стигне до позитивен резултат. Средбата се игра вечерва од 21:00 часот во рамките на петтото коло од Ла Лига.