Драма во Куманово: Башкими и Вардар во луд натпревар ги поделија бодовите! (ФОТО)

Во најинтересниот натпревар од почетокот на сезоната во ПМФЛ, последнопласирнаиот Башкими и Вардар ги поделија бодовите одигрувајќи 3-3.

Не тргна добро натпреварот за македонскиот шампион, Исмаили по 21 минута игра ги доведе домаќините во водство. Се играше 33-та минута кога следуваше нов шок за фаворитот. По една украдена топка Да Силва тргна во контра го помина истрчаниот Талевски и постигна гол за зголемување на водството на Башкими.

Вардарци по двата гола негатива тргнаа целосно во напад и силно притиснаа. Бабунски пред крајот на првото полувреме постигна гол за 2-1, резултат со кој се замина на паузата.

Вториот дел помина во знакот на Вардар кој беше подобар противник и констатно напаѓаше, а се истакна искусниот Горан Закариќ. Закариќ во само две минути во 70-тата и 72-та минута постигна два гола за целосен пресврт.

На десетина минути пред крајот Вардар можеше да остане и со фудбалер помалку, кога судијата на теренот му покажа втор жолт картон на Азер Омерагиќ, меѓутоа по реакција на ВАР ја промени одлуката и капитенот на вардарци остана на теренот.

Но, и покрај тоа што силите на теренот останаа изедначени, Башкими во 86-тата преку Саити дојде до израмнување.

Со ова реми Вардар останува на четвртата позиција и не успеа да го искористи тоа што Тиквеш, Струга и Шкендија во ова коло исто така освоија по еден бод.