Teшки обвинувања за Ето: Присвоил над пола милион евра?!

Актуелниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Камерун и легендарен напаѓач Самуел Ето се најде на мета на сериозни обвинувања.

Поранешни раководители на оваа организација го обвинија дека ненаменски присвоил повеќе од 500.000 евра заработени од пријателскиот натпревар меѓу Русија и Камерун. 

Како што се наведува, на приватната сметка на Ето биле уплатени две суми, едната од 455.056, а другата од 112.514 евра. Тие пари всушност претставувале договорен хонорар што требало да му припадне на сојузот за гостувањето во Москва, каде што репрезентацијата на Камерун играше против Русија на 12 октомври 2023 година.

Поранешните функционери на тамошниот Фудбалски сојуз уште пред повеќе од една година поднеле официјална пријава до Етичкиот комитет на ФИФА, но истакнуваат дека до денес немаат увид во тоа како се одвива истрагата, ниту каде на крајот завршиле парите.

Оваа ситуација дополнително го усложнува односот на Ето со првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино. Додека целиот фудбалски свет го обвинува Швајцарецот за лошо работење и корупција, поранешниот фудбалер на Барселона јавно го брани со сите сили.