Вардар се враќа во Лигата на шампионите против тимот кого лани двапати го растури

По пауза од три години, Вардар сезонава се враќа во Лигата на шампионите, натпреварување во кое освои две титули, во 2017 и 2019.

„Црвено-црните“ претходните три сезони учествуваа во другите купови на ЕХФ додека во македонскиот ракомет доминираше Пелистер. Од оваа натпреварувачка кампања повторно се во европската елита, односно во Лигата на шампионите која ќе се игра во изменет систем, со шест групи од по четири екипи.

Првиот дуел Вардар го игра вечерва, од 18:45 на гостински терен, против бундеслигашот Мелсунген. Со оглед на тоа што станува збор за тим од германското првенство, на „прва“ предизвикува стравопочит, но Вардар има убави спомени од дуелите со него. Минатата сезона екипите двапати се сретнаа во ЕХФ Европската лига и Вардар ги доби двата дуела, дома со 37-33, а на гости со 34-25. Сепак, Мелсунген подоцна ја освои титулата во тоа натпреварување и така обезбеди пласман во Лигата на шампионите, имајќи предвид дека во домашното првенство заврши на седмото место.

Оваа сезона Мелсунген не ја почна добро во Бундеслигата, по три кола има три бпда откако загуби од Фуксе, го победи Гепинген и ремизираше со Гумерсбах.

Што се однесува до Вардар, македонскиот првак веќе освои еден трофеј сезонава, во домашниот Суперкуп, а минатиот викенд со победа ја стартуваше и одбраната на титулата во Суперлигата. Летово, скопската екипа сериозно се засили и ќе се обиде да стигне барем до главната фаза на Лигата на шампионите. Единствениот проблем вечерва ќе биде неиграњето на Урош Митровиќ кој поради инцидент од минатата сезона доби суспензија од четири натпревари и ќе се приклучи дури во петтото коло.

Вечерва се играат уште четири натпревари од првото коло во Лигата на шампионите, а за интересно ќе биде во Белград каде Партизан, предводен од Раул Гонзалес, против Фуксе ќе го означи враќањето во елитното натпреварување по пауза од 13 години.