Револуција кај „кариоките“: Анчелоти избрка дури 16 фудбалери што играа на Мундијалот

Карло Анчелоти започнува нов циклус на клупата на Бразил со сериозни промени во репрезентацијата. Италијанскиот стратег направи голем рез по разочарувачкиот настап на Светското првенство и во новиот список има дури 16 промени во однос на тимот од Мундијалот.

Од 26 повикани фудбалери, само десет се играчи кои беа дел од составот на Светското првенство. Новиот список е комбинација од неколку искусни репрезентативци и голем број млади фудбалери кои треба да го носат бразилскиот тим во иднина.

Особено впечатлив е бројот на дебитанти. Анчелоти повика осум фудбалери кои досега немаат настап за сениорската репрезентација, меѓу кои се голманите Педро Мориско и Отавио, дефанзивецот Артур Диас и младите Бренo Бидон и Габриел Бонтемпо. Италијанецот направи промени и меѓу најискусните имиња. Во составот ги нема ветераните како Нејмар, Касемиро и Алисон, додека Анчелоти продолжува да се потпира на играчи како Винисиус Жуниор, Рафиња, Маркињос и Габриел Магаљаеш.

Просечната возраст на репрезентацијата значително е намалена – од околу 28,8 на 24,4 години, што јасно покажува дека Анчелоти сака да изгради нов тим со поглед кон следниот голем циклус и Светското првенство во 2030 година. Првите проверки на новиот Бразил ќе дојдат во пријателските натпревари против Австралија и Индија. Анчелоти така ја започнува својата „револуција“ со која сака да создаде нова генерација на „кариоките“, но притоа да ја задржи поддршката од неколку искусни лидери.