Вардар ги освои бодовите со Арсими, Комити ја испратија својата порака (ФОТО)

Во натпреварот во кој резултатот беше во втор план поради конфликтот на „Комитите“ со актуелната управа на Вардар, црвено-црните“ го совладаа Арсими со 2-0.

Вардарци беа подобар противник на теренот на ФФМ денеска, а резултатот го отвори искусниот Горан Закариќ во 25-тата минута од средбата.

Во продолжение шампионот ја задржа подобрата игра, иако не создаде премногу шанси пред голот на гостите. Точка на натпреварот по асистенцијата на Омерагиќ во самата завршница стави Спахиу за кого ова беше втор гол сезонава во Првата лига.

Натпреварот исто така беше прв на клупата за новиот тренер на „црвено-црните“, Миодраг „Гроф“ Божовиќ.

Дуелот по еден час игра беше и во прекин кој траеше 15-тина минути откако навивачите на Вардар почнаа да го напуштаат стадионот во знак на револт, претходно преку скандирање и транспаренти ја испратија својата силна порака за смена на управата.

Во тие моменти заедно со Вардар стадионот го напушти и најголем дел од останатата публика, па дуелот се доигра пред речиси празни трибини.

Според најавите бојкотот на „Комити“ ќе трае се додека не дојде до смена на раководството предводено од Миленко Неделкоски.

Ова беше и последен дуел со кој беше затворено шестото коло, а Вардар по него е четврти со десет бода, исто колку што има и Шкендија Арачиново, Арсими е седми со три помалку.