Гаштаров блеска на „Маракана“: Балканот се поклонува пред момчето кое во Вардар не доби ни - шанса!
Тој на своето деби на најголемиот натпревар меѓу Црвена Звезда и Партизан (2-1), изнуди клучен пенал со кој црвено-белите дојдоа до триумф. Додека српските и регионалните новинари се натпреваруваат во пофалби за новиот миленик на „Маракана“, во Скопје одново останува горчливиот вкус на една позната, болна вистина - дека Вардар испушти екстра-талент без воопшто да му даде вистинска шанса.
Гаштаров пристигна во црвено-црните редови уште во 2016 година и помина низ сите младински филтри, оставајќи одличен впечаток во сите категории каде што настапуваше. Неговото име беше синоним за трофеи во младинските лиги - во 2022 година како предводник на помладите пионери ја освои двојната круна, постигнувајќи го токму одлучувачкиот гол со кој црвено-црните го кренаа пехарот во Купот на Македонија. Беше јасно дека станува збор за генерациски потенцијал, играч со потег и визија какви што ретко се раѓаат на овие простори.
Сепак, наместо природен пат и промоција во клучен играч на сениорскиот тим, Вардар покажа пасивност и немање стратегија за сопствените деца. Целиот стаж на Гаштаров во првиот тим на најтрофејниот македонски клуб се сведе на само еден единствен настап — на пријателски натпревар одигран во 2023 година. Ниту една официјална минута, ниту еден обид да се заштити и развие бисерот од сопствените редови.
Она што стручните луѓе во Вардар не знаеја или не сакаа да го препознаат, експресно го видоа скаутите од соседство. Црвена Звезда не се двоумеше, го препозна сировиот талент, му ги отвори вратите и му овозможи да заигра на сцена на која денес му аплаудира цел Балкан. Круна на неговиот огромен скок е и најавата за деби-повикот за сениорската репрезентација на Македонија, потврда дека неговиот квалитет е веќе на највисокото ниво.
Приказната за Гаштаров не е инцидент, туку и сериозен аларм за луѓето кои сега го предводат македонскиот шампион. Во школата на Вардар и во моментов има талентирани млади фудбалери чие време доаѓа, но доколку раководството под итно „не мрдне со прст“ и не почне сериозно да им верува на сопствените младинци, историјата многу брзо ќе се повтори со следното големо име. А до тогаш, во Вардар ќе мора да живеат со прашањето како дозволија детето што носеше двојни круни во Скопје, да стане херој на дербијата во Белград.