Експерти тврдат: Пеналот што го промаши Мбапе мораше да биде – повторен (ВИДЕО)

Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, не реализираше удар од белата точка во судиското продолжување, по што „кралскиот клуб“ претрпе пораз од Бетис (0-1) во синоќешниот натпревар од четвртото коло на шпанската Ла Лига.

Сепак, вниманието на јавноста по мечот е насочено кон судиските одлуки, поради сомнежите дека противнички фудбалер предвреме влегол во казнениот простор при изведувањето на пеналот. Ударот на францускиот интернационалец беше одбранет од голманот на домаќините, Алваро Вајес. Главниот судија на натпреварот, Алехандро Ернандез, ја почека рутинската проверка од ВАР-собата, по што беше донесена одлука дека нема прекршување на правилата и играта продолжи со удар од аголот.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции во шпанската спортска јавност. Анализата на стоп-кадрите од ситуацијата покажува дека фудбалерот на Бетис, Марк Бартра, навлегол во шеснаесетникот пред Мбапе да го упати ударот. Според актуелните судиски насоки кои се во сила оваа сезона, не е задолжително стапалото на фудбалерот физички да ја допира тревата внатре во казнениот простор за да се досуди прекршок. Доволно е делот од телото (во овој случај стапалото на Бартра кое е во воздух) да ја премине линијата.

Поради ова, познатиот шпански судиски експерт Педро Мартин смета дека главниот арбитар и ВАР-собата направиле превид.

„По правило, доколку фудбалерот се наоѓа над линијата од казнениот простор, се смета дека навлегол во него, без разлика дали стапнал внатре. Играчот на Бетис беше во шеснаесетникот, така што пеналот мораше да биде изведен повторно“, категоричен беше Мартин во својата анализа.