Најслабите тимови во домашното првенство во битка за првата победа во сезоната

Шестото коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига носи дуел кој привлекува внимание поради ситуацијата во која се наоѓаат двата тима. Скопје и Башкими, кои во пресрет на ова коло се на дното на табелата, ќе ги одмерат силите во директна битка за важни бодови.

Натпреварот е закажан за денеска од 16:30 часот, а поради проблемите со условите за ВАР на Автокоманда, Скопје и овој домашен натпревар ќе го одигра на комплексот „Петар Милошевски“.

За двата состава ова е можност конечно да се прекине лошиот почеток на шампионатот. Скопје и Башкими имаат очајна потреба од бодови, а токму ваквите директни дуели можат да бидат пресудни во борбата за опстанок.  „Пиратите“ сакаат пред своја публика да стигнат до резултат кој би им дал дополнителен мотив во продолжението од сезоната, додека Башкими ќе се обиде да се врати дома со позитивен резултат.

Пред денешниот натпревар, Башкими е на последната позиција без бодови, а Скопје е пред него со три бода, но сите од нерешени резултати. Ни едниот, ни другиот тим досега немаат победа во првенството.

Двете екипи досега се имаат сретнато вкупно петпати – четири во Втората лига и еднаш во Купот на Македонија. Поуспешен во овие дуели е ФК Скопје со 3 победи, додека ФК Башкими сè уште ја чека својата прва победа бидејќи два меча завршиле без победник.