Македонски репрезентативец меѓу 25-те најдобри во историјата на АБА – Јокиќ е кралот!

По повод јубилејот 25 години од своето постоење, регионалната кошаркарска АБА лига официјално ја објави листата на 25 најдобри играчи во нејзината историја, а очекувано, на првото место се најде трикратниот МВП во НБА лигата, Никола Јокиќ.

Македонската кошарка на оваа престижна листа ја претставува поранешниот репрезентативен плејмејкер, Лестер Бо Мекејлеб, а блиску до избор во елитното друштво беше и Владо Илиевски, како член на шампионот во првата сезона, Унион Олимпија.

Српскиот центар Никола Јокиќ доби најголема поддршка во гласањето, освојувајќи дури 94,3 отсто од вкупните гласови. Веднаш зад него се пласираше покојниот Дејан Милојевиќ (92,3%), а Топ 5 листата ја комплетираат Богдан Богдановиќ (80,4%), Никола Пековиќ (78,9%) и хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ (72,7%). Лестер Бо Мекејлеб, кој остави длабока трага во регионалното натпреварување настапувајќи за белградски Партизан пред да го облече дресот на македонската репрезентација, е позициониран на 12. место во овој историски избор.

Конечните резултати беа добиени преку комбиниран систем во кој беа вклучени четири различни структури – гласови од тренерите кои во минатото ја освојувале наградата „Тренер на годината“ во АБА (70-отсто), гласови од играчите кои биле прогласувани за МВП во регуларниот дел од сезоната (20-отсто), гласови од претставниците на медиумите (5-отсто) и гласови од навивачите (5-отсто).

Листа на 25 најдобри играчи во историјата на АБА лигата: Никола Јокиќ, Дејан Милојевиќ, Богдан Богдановиќ, Никола Пековиќ, Дарио Шариќ, Горан Драгиќ, Никола Вучевиќ,
Јан Весели, Јака Лакович, Милош Теодосиќ, Бојан Богдановиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Душан Кецман, Никола Калиниќ, Игор Ракочевиќ, Немања Гордиќ, Дино Раѓа, Лука Божиќ, Василије Мициќ, Крунослав Симон, Марко Поповиќ, Немања Бјелица, Анте Томиќ, Чарлс Џенкинс и Факундо Кампацо.