Шок на Ју-Ес опен: Доби покана во последен час, па го „згази“ 14-тиот тенисер во светот!

Ноќешното издание на тенискиот грен-слем турнир УС Опен донесе серија неочекувани резултати, откако двајца високорангирани фаворити, Алекс де Минаур и Лоренцо Мусети, беа елиминирани во раната фаза од натпреварувањето.

Во меѓувреме, еден од главните претенденти за титулата, Александер Зверев, се наоѓа пред тежок предизвик играјќи маратонски меч во пет сета против Французинот Квентин Халис, кој трае повеќе од четири часа.

Најголемото изненадување го приреди австралискиот тенисер Дејн Свини, кој се наоѓа на 123. место на АТП листата. Тој обезбеди пласман во третото коло откако со целосен пресврт го совлада 14-тиот светски рекет, Италијанецот Мусети. Иако Свини го загуби првиот сет со 3-6, тој одговори со доминантна игра и ги доби следните три сета со убедливи 6-1, 6-2, 6-2. Посебно интересно е што Австралијанецот воопшто не беше во главниот ждреб, туку доби покана (вајлд-карта) од организаторот во последен момент.

Пласман во следната рунда обезбеди и холандскиот тенисер Ботик ван де Зандшулп (70. на АТП листата). Тој за помалку од три часа игра успеа да го елиминира членот на Топ 10 друштвото, Алекс де Минаур, победувајќи го со максимални 3-0 во сетови (6-4, 7-5, 6-2).