Охрид го продолжи договорот со творецот на ракометното чудо крај езерото (ВИДЕО)
Раководството на клубот денеска официјално потврди дека актуелниот договор предвреме e продолжен за уште една натпреварувачка сезона. Продолжувањето на соработката доаѓа како директен резултат на историските успеси кои клубот ги оствари под водство на Ројевиќ во изминатиот период.
Со зголемен буџет и дополнителни вложувања во играчкиот кадар за оваа сезона, раководството јасно ги истакна високите амбиции – борба за титулата во домашното првенство, како и успешни настапи во Регионалната лига и ЕХФ Европскиот Куп. Охриѓани минатата сезона триумфираа во Европскиот Куп, играа во финалето на Купот на Македонија, а завршија на трето место во македонската Суперлига, веднаш зад Вардар и Пелистер.
Од таборот на „гладијаторите“ преку официјално соопштение го поздравија останувањето на тренерот, истакнувајќи ја неговата поврзаност со градот и навивачите.
„Заедно испишавме историја и го освоивме првиот европски трофеј. Амбициите остануваат највисоки – нови трофеи, напад на шампионската титула и ГРК Охрид на местото кое го посакуваме – на врвот! Охрид, езерото, атмосферата во клубот и полните трибини го 'врзаа' Роја за градот. Сонот продолжува“, стои во клупското соопштение.