Седлоски: Пред нас е густ распоред, ќе мора да ротираме - Швајцарија е велесила!

Македонската фудбалска репрезентација ја чека густ распоред во кој ќе одигра дури четири средби во 11 дена, а на денешниот брифинг со медиумите селекторот Гоце Седлоски истакна дека поради тоа ќе повика и повеќе фудбалери.

Првиот натпревар е против Швајцарија, додека потоа следат пресметки со Шкотска и Словенија. Седлоски најави и дека ќе има одредени измени во составот, веќе е и потврдено дека за првпат во националниот тим ќе биде повикан Матеј Гаштаров од Црвена Звезда.

Исто така се работи и на добивање право за настап за Македонија на Андреј Тодороски и Казмичан Караташ.

„Прво размислуваме на првиот натпревар, 11 дена и четири натпррвари е многу, тука се и патувањата, нема многу тренинзи, па затоа ќе посветиме повеќе внимание на тактиката и одморот. Ќе имаме повеќе играчи, мораме да ротираме со сите кои се во најдобра форма, но со дозирана минутажа за и физички да останат подготвени. Не се ова лесни натпревари, играме со многу силни селекции, но кога се игра за Македонија се дава максимум секогаш без разлика на околностите“.

Секако Швајцарија ќе биде фаворит, меѓутоа ниту Македонија нема предвреме да се предаде.

„Со Швајцарија нема да се залетуваме играме против една велсила, но во Скопје паѓале многу големи репрезентации, па зошто да не падне и Швајцарија. Тие можеби и малку ќе не потценат по настапот на Светското првенство, а ние со помош на публиката ќе се обидеме да ги изненадиме“, истакна селекторот.

Швајцарците во Македонија ќе дојдат директно од подготовките во Анталија и нема да одработат ниту еден тренинг во Скопје пред натпреварот на 26 септември.