Станува жешко во Мадрид: На Флорентино Перез му пропаѓа „случајот Негреира“
Последниот рок за истрагата истекува денеска, 1 септември, а Реал Мадрид на 14 јули побарал да се продолжи за уште шест месеци, повикувајќи се на преостанатите истражни дејствија. Сепак, судијката оценила дека двете сведочења закажани за ноември не се причина за ново продолжување, бидејќи тие биле одредени уште пред истекот на последниот рок.
Во ноември треба да сведочат поранешниот фудбалер и тренер на вториот тим на Барселона, Жерар Лопез, како и делегатот на резервниот тим, Антонио А. Судијката нагласила дека нивните сведочења можат да се одржат и по истекот на рокот за истрага и дека поради тоа не е потребно ново продолжување.
Судијката исто така не смета дека треба да се чека одлуката на Покраинскиот суд во Барселона за одредени истражни дејствија кои ги побарал Реал Мадрид, а кои претходно биле одбиени. Доколку повисокиот суд подоцна одлучи тие да се спроведат, тие нема автоматски да бидат неважечки само затоа што ќе се реализираат по истекот на рокот за истрага. Случајот се однесува на исплатите од околу 7,3 милиони евра што Барселона во периодот од 2001 до 2018 година ги исплатила на Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Техничкиот комитет за судии, и на неговиот син Хавиер. Истрагата проверува дали овие плаќања претставувале спортска корупција.
Реал Мадрид, кој е дел од постапката како приватен тужител, во барањето за продолжување тврдеше дека досегашната истрага содржи „директни и индиректни докази“ за продолжено дело на спортска корупција. Клубот во јуни годинава дури достави и документ до УЕФА во кој тврди дека постојат релевантни докази за долготрајни и неоправдани плаќања кон Негреира. Сепак, случајот има многу поголемо значење за првиот човек на Реал, Флорентино Перез кому тој му послужи за кревање хистерија и правдање на сите неуспеси на мадридскиот клуб последните години.
Перез на своја страна ги имаше и медиумите од шпанската престолнина кои сесрдно помогнаа во хистеријата, оспорувајќи ја најголемата доминација на Барселона во историјата на шпанскиот фудбал.