Психолог се вмеша во сагата со Алварез: Станува збор за детски сон!

Трансфер сагата околу Хулијан Алварез и Атлетико Мадрид полека се ближи кон својот крај. Аргентинскиот напаѓач се врати на тренинзите по неколкудневното отсуство, што е нов знак дека би можел да остане во шпанскиот клуб и оваа сезона и покрај неговата желба да се пресели во Барселона.

„Кадена Сер“ објави дека се поголеми шансите Алварез да остане во тимот кој од клупата го предводи Диего Симеоне. Тоа особено стана јасно откако Барселона го доведе Бразилецот Габриел Жесус од Арсенал за околу 10 милиони евра плус бонуси.

И покрај ангажманот на Жесус, од Барселона јасно ставиле до знаење дека и понатаму се решени да го доведат Алварез до последните моменти од преодниот рок или повторно да се обидат во зимскиот преоден рок.

Во меѓувреме, Хуан Бриндизи, психологот на аргентинската репрезентација, предупреди на психолошкиот притисок на кој е изложен фудбалерот во текот на преодниот рок.

„Постојат два моменти на најголема напнатост и ранливост: Првиот е кога играчот е повреден, а вториот е преодниот рок, особено последните денови“, изјави Бриндизи и додаде:

„Ова е еден од најболните и најанксиозните моменти за еден фудбалер.“

Бриндизи смета дека желбата на Алварез да го напушти Атлетико Мадрид заслужува повторно да биде разгледана. Тој нагласи дека фудбалерот не би требало да биде казнет само затоа што сака да премине во друг клуб.

„Желбата на Хулијан е толку голема затоа што во прашање е неговиот детски сон“, порача Бриндизи.