Историски колапс на Серија А: Првпат по речиси еден век нема Италијанец со настап на Светско првенство
До оваа необична ситуација дојде по трансферот на голманот Матија Перин од Јувентус во Палермо, кој настапува во Серија Б. Со неговото заминување, меѓу повеќе од 500 активни фудбалери во Серија А повеќе нема Италијанец кој има учествувано на Мундијал.
Перин беше дел од италијанскиот состав на Светското првенство во Бразил во 2014 година, иако не доби шанса да настапи. Тој турнир останува последниот на кој Италија учествуваше на светската фудбалска сцена. „Аѕурите“ во Бразил беа елиминирани во групната фаза, откако завршија зад Костарика и Уругвај. Перин беше меѓу патниците за Јужна Америка, а самото присуство во составот се смета како учество на Мундијал.
Интересно е што овој случај има и историска димензија. Од првото Светско првенство во 1930 година, Серија А само еднаш претходно немала Италијанец со мундијалско искуство – во сезоната 1930/31. Причината била едноставна: Италија не настапила на првиот Мундијал во Уругвај. Сепак, дури и тогаш постоел исклучок кој ја продолжил традицијата. Станува збор за Луис Монти, роден Аргентинец кој во 1930 година настапувал за „Гаучосите“ и играше во финалето на Светското првенство. Две години подоцна Монти добил италијанско државјанство и како играч на Јувентус станал италијански репрезентативец. Така, во сезоната 1931/32 тој бил единствениот фудбалер во Серија А со настап на Светско првенство.
Монти подоцна испиша историја и со италијанската репрезентација. Во 1934 година стана светски шампион со Италија, откако претходно веќе играл во финалето на Мундијалот со Аргентина. Токму поради тоа Монти и денес останува единствениот фудбалер во историјата кој настапил во две финалиња на Светско првенство со две различни репрезентации. Речиси еден век подоцна, традицијата која започна со Монти е прекината. Заминувањето на Перин од Серија А донесе статистика која некогаш би била речиси незамислива за италијанскиот фудбал.
Лигата која со децении беше позната по создавањето врвни италијански репрезентативци сега нема ниту еден активен Италијанец со искуство од Мундијалот.