Димитријевиќ се врати со трипл-дабл: Кошаркарите ја растурија Австрија среде Виена (ФОТО)
Жолто-црвените првпат по долго време играа во речиси најсилниот состав со кој располагаме, што веднаш се виде на теренот. Неизвесност имаше само во првите пет минути, по што нашите момци со серија 12-0 првпат дојдоа до двоцифрена предност (26-11), која до крајот не ја испуштија. Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт ја донесоа потребната сигурност, а покрај нив одлично одиграа и сите што добија шанса да стапнат на паркетот. Згора на тоа, македонските момци имаа голема поддршка од трибините, на што се заблагодарија на најдобар можен начин – со фантастична игра и убедлив триумф.

Првата четвртина ја добивме со 30-14, но не запревме туку продолживме да мелеме и понатаму. Тоа ни донесе до тогаш највисоки плус 27 (60-33) кон средина на третиот период, што веќе беше официјален крај на надежите на домашниот тим за некаков пресврт. Избраниците на селекторот Берокал до крајот одиграа рутински, без преголем напор, со основна цел да се задржи високата предност, во што, секако, успеаја. Со напомена дека пред самиот крај ја минаа и границата од 30+ поенир азлика како потврда на огромната доминација во австриската престолнина.

Димитријевиќ својот прв меч по подолга пауза го одбележа со феноменален трипл-дабл ефект со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции, а веднаш зад него според ефектот беа Виктор Ефремовски со 17 поени, Адем Мекиќ со 12 поени и Рајт со 12 поени и 9 скока.

По првиот ФИБА прозорец, Македонија и Кипар се на врвот со скор 1-0, додека Австрија е веќе загубена со 0-2. Пласман во квалификациите за ЕП 2029 ќе обезбеди само првопласираната селекција во групата. Наш следен предизвик е домашниот дуел против Кипат закажан за 26 ноември на домашен терен.


