Да потрошиш 300 милиони фунти и да си последен во Премиер лигата... без постигнат гол

Тотнем летово потроши огромни повеќе од 300 милиони фунти, но стартот на новата сезона во Премиер лигата е кошмарен. „Спарс“ по две кола имаат два порази, немаат постигнато ниту еден гол и се наоѓаат на последното место на табелата.

Последниот удар за тимот на Роберто Де Зерби дојде на домашен терен против Њукасл. Головите на Ентони Еланга и Јоан Виса во второто полувреме му донесоа победа на гостинскиот тим од 2-0, а дел од навивачите на Тотенхем го напуштија стадионот уште пред последниот свиреж.

Ситуацијата е особено разочарувачка ако се има предвид вложувањето во тимот. Тотнем летово ги доведе Матеус Фернандеш од Вест Хем за околу 85 милиони фунти, Сандро Тонали од Њукасл за 100 милиони и Јан Пол ван Хеке од Брајтон за 52 милиони. За Савио од Манчестер Сити беа издвоени околу 75 милиони фунти. Дополнително, во тимот пристигнаа и Маркос Сенеси, Енди Робертсон и Мартин Дубравка, додека Омар Мармуш дебитираше против Њукасл како позајмен фудбалер од Манчестер Сити, со можност следното лето неговиот трансфер да стане перманентен за 60 милиони фунти.

Но, големите инвестиции засега не носат резултат. Тотнем во првото коло загуби со 0-3 од Брентфорд, а потоа беше поразен и од Њукасл со 0-2. По две средби тимот има гол-разлика 0-5 и се наоѓа на дното од табелата. Притоа, статистиката од дуелот со Њукасл дополнително ја покажува неефикасноста на „спарси“. Домашниот тим упати дури 17 удари, од кои шест во рамките на голот, но ниту еден не заврши во мрежата. Њукасл, пак, ги реализираше своите две најдобри можности.

Де Зерби по натпреварот порача дека нема причина за паника и дека неговиот тим може значително да се подобри, но истовремено призна дека Тотенхем мора да работи на дефанзивната организација и на градењето вистинска поврзаност меѓу новите фудбалери. „Спарс“ во последните две сезони завршуваа на 17. место во Премиер лигата, а минатата кампања едвај го избегнаа испаѓањето. Оваа година клубот направи огромни инвестиции токму со цел да ја прекине таа негативна тенденција.

Засега, сепак, реалноста е сурова: над 300 милиони фунти потрошени на засилувања – два натпревари, два порази, ниту еден гол и последно место. Трансферниот прозорец сè уште не е затворен, а Де Зерби најави дека Тотенхем сака да доведе уште еден фудбалер. Прашањето е дали новите засилувања конечно ќе го претворат огромното финансиско вложување во резултати.