Македонија тргнува по осмата победа во низа: Австрија е првата пречка кон Еуробаскет 2029!

Кошаркарска репрезентација на Македонија денеска ја започнува втората претквалификациска фаза за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2029 година, а првата пречка е Австрија против која ќе играме во Виена од 16.05 часот во „Спорт Арена Виена“.

Македонија во оваа фаза влегува со одлична атмосфера и огромна самодоверба. Македонија има седум победи во низа, а тоа е серија која започна уште во претквалификациите за Светското првенство, против Унгарија на домашен терен.

Меѓутоа ова е нов предизвик за кошаркарите, а резултатите од претходната фаза се минато, па секој натпревар во оваа група може да биде пресуден во борбата за првото место.

Австрија веќе одигра еден натпревар во оваа фаза. На гостувањето кај Кипар претрпе пораз со 72-77, па денешниот натпревар за домашната селекција е исклучително важен, додека Македонија во Виена ќе настапи без Андреј Јакимовски, кој не доби дозвола од Наполи да се приклучи на репрезентативниот тим за овој натпревар. Сепак, селекторот Берокал има сериозни адути во составот, предводени од капитенот Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт. 

Нашата репрезентација е во групата Ф заедно со Австрија и Кипар, а главната цел на кошаркарите е освојување на првото место и пласман во следниот циклус кон Еуробаскет 2029.

Денешниот натпревар во Виена ќе го води судиска тројка во состав: Илијас Карпанос од Грција, Лукаш Јанковски од Полска и Виктор Наѓ од Унгарија.