Шкендија менуваше на раководните позиции - нов генерален и нов спортски директор!

Македонскиот вицешампион, Шкендија, денеска промовираше нов генерален директор и двајца нови раководители во спортскиот сектор.

Нов генерален директор ќе биде Валдрин Ука, за спортски директор е назначен Ерхан Селими, а Фестим Адеми ќе биде технички директор на спортскиот сектор.

Соопштението на Шкендија ви го пренесуваме во целост:

„Валдрин Ука ја презема функцијата генерален директор, додека спортскиот сектор ќе го предводат Ерхан Селими и Фестим Адеми.

ФК Шкендија најавува промени во раководната структура и во спортскиот сектор на клубот. Сите назначени раководители се веќе подолго време дел од структурите на Шкендија, а новите назначувања претставуваат унапредување во должностите, со што се потврдува довербата на клубот во подготвениот кадар во рамките на организацијата.

Валдрин Ука е именуван за генерален директор на клубот. Со оваа улога, тој презема нови одговорности во насочувањето и извршното управување со ФК Шкендија.

Промени има и во спортскиот сектор. Ерхан Селими, кој досега ја извршуваше функцијата директор на фудбалската школа, е именуван за спортски директор, додека Фестим Адеми ја презема функцијата технички директор на спортскиот сектор.

Селими и Адеми тесно ќе соработуваат и ќе сносат заедничка одговорност во водењето на спортските прашања, со цел зајакнување на структурата, балансирање на организацијата и обезбедување успех на клубот во претстојниот период.

Овие промени се дел од континуитетот и развојот на клубската структура, со цел ФК Шкендија да продолжи да гради, развива и промовира подготвени кадри за најважните раководни одговорности“, соопшти Шкендија.