Инфантино целосно забегал - ќе организира Мундијал со учество на 211 репрезентации!

Ако досега некој се прашуваше на кој начин Џани Инфантино ќе се обиде да обезбеди нов мандат на чело на ФИФА, сега сликата е многу појасна.

Додека опозицијата кон него станува сè погласна, довербата од УЕФА е сериозно разнишана, а неговите идеи за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство предизвикуваат незадоволство во фудбалското семејство, Инфантино отвора нов фронт – „фудбал за сите“. И тоа буквално за сите.

Претседателот на ФИФА најави дека оваа година за првпат ќе биде организиран Мундијал за фудбалери до 15 години, на кој ќе бидат поканети сите 211 членки на светската фудбалска организација. Без класични квалификации, без елиминации и без борба за пласман. Наместо тоа – сите добиваат покана.

Инфантино турнирот го опиша како „фестивал на младите“, на кој повеќе од 4.000 момчиња од сите делови на светот ќе имаат можност заедно да играат фудбал. Идејата, според првиот човек на ФИФА, е дополнително да се прошири спортот и на децата од земјите кои немаат услови и финансиски можности какви што имаат најголемите фудбалски нации.

Но тука се наметнува едно едноставно прашање: Ако сите имаат загарантирано место на Светско првенство – што тогаш е Светското првенство? Такво натпреварување несомнено може да биде одличен развоен проект, голем фестивал на младите и прекрасна можност за деца од различни делови на светот да се запознаат и да играат фудбал. Но, без квалификации и селекција на учесниците, тешко е да се гледа на него на ист начин како на вистинско Светско првенство.

Токму патот до завршниот турнир, борбата за пласман и фактот дека некој ќе успее, а друг ќе отпадне, му даваат посебна тежина на едно големо спортско натпреварување. Инфантино, сепак, не ја крие пошироката цел.

„Оваа година за првпат ќе организираме Светско првенство за играчи до 15 години, а сите 211 членки на ФИФА се поканети да учествуваат“, вели тој

Според него, приходите од телевизиските права и спонзорите повторно ќе се вложуваат во фудбалот и вакви развојни проекти, со цел спортот да биде присутен „во секој агол на планетата“.