Тренерот на Норвич стана хит: Наброја 80 земји за две минути, не ја заборави Македонија! (ВИДЕО)

Тренерот на Норвич, Филип Клемон го привлече вниманието со својот необичен настап на прес-конференцијата пред новинарите каде што наброја дури 80 земји споменувајќи ја и Македонија.

Причина за неговиот ваков настап е изразувањето незадоволство што во англискиот Чемпионшип не е воведен ВАР системот, па неговиот тим загуби од ВБА поради контроверзен гол постигнат со рака. 

Обраќањето пред новинарите го започна така што почна да ги набројува сите земји во светот во кои се користи ВАР.

„Го замолив мојот аналитичар да истражи во кои лиги има ВАР. Затоа ја имам оваа листа“, рече Клемон, а потоа почна да чита по азбучен ред и за само две минути наброи повеќе од 80 земји.

„Не мора сè да запишувате, подоцна ќе ви ја дадам целата листа“, им порача во еден момент на новинарите.

„Тука има земји кои никогаш не играле на Светско првенство. Лудо е што во Чемпионшип нема ВАР“, заклучи 52-годишниот стратег кој пред Норвич ги предводеше Ренџерс, Монако, Клуб Бриж, Генк...