Претседателката Силјановска-Давкова ќе навива за македонските спортисти на МИ во Таранто!
Македонија на Медитеранските игри „Таранто 2026“ ќе биде со најбројна делегација досега (130 лица), а ќе настапи со 88 спортисти во вкупно 19 од 33 спортови на програмата, а настаните ќе може да се следат во живо на „МРТ3“, додека свеченото отворање ќе се емитува на „МРТ1“.
Претседателката на Македонија денеска во Олимпиското село се сретна со македонските претставници, се запозна со членовите на делегацијата и им посака успешни настапи и изрази надеж дека со својата посветеност, борбеност и спортски дух достоинствено ќе ги претстават македонските бои во Таранто.
Присуството на претседателката Силјановска-Давкова на Медитеранските игри е историски момент за македонскиот спорт. За првпат откако Македонија настапува на оваа голема меѓународна спортска манифестација, на Игрите присуствува и претседател на државата, што претставува значајна поддршка и дополнителна мотивација за македонските спортисти.
Силјановска-Давкова во Таранто ќе престојува два дена, а вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на Игрите, заедно со делегациите од медитеранските земји.
Вечерва во 20 часот официјално започнуваат Игрите, иако веќе македонските спортисти веќе ги имаа првите настапи, односно нашите одбојкарки вчера го одиграа првиот натпревар на Игрите против Турција, со што за Македонија започна спортската приказна во Таранто.
Во следните денови македонските бои ќе ги бранат спортисти во 19 од вкупно 33 спортови на програмата: атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење - слободен стил, како и женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.