Луда идеја на УЕФА: Македонија би можела да игра Лига на нации против САД, Мексико и Канада!

Фудбалот би можел да добие ново репрезентативно натпреварување кое ќе отвори досега незамисливи можности и за Македонија, откако УЕФА и КОНКАКАФ започнале разговори за формирање заедничка Лига на нации.

Ова значи дека на едно место ќе се најдат дури 96 репрезентации од Европа, Северна и Централна Америка и Карибите, а според информациите на „Гардијан“, натпреварувањето би можело да стартува во 2028 година. Тоа значи дека Македонија во иднина би можела да добие шанса да игра официјални репрезентативни натпревари против селекции со кои досега речиси и да немала можност да се сретне, како што се домаќините на последното СП - САД, Мексико и Канада.

Според планираниот формат, репрезентациите би биле поделени во повеќе лиги, слично како во актуелната Лига на нации. Најдобрите селекции од Европа и КОНКАКАФ би играле во најсилната конкуренција, а потоа би следувале нокаут-фаза и завршен турнир со четири репрезентации. Натпреварите би се играле во постоечките репрезентативни термини во септември, октомври и ноември, додека нокаут-фазата би била во март, а завршницата во јуни.

Планот е натпреварите да се организираат во географски блокови за да се намалат патувањата и дополнителните трошоци. За Македонија, ваквото натпреварување би можело да биде особено интересно. Наместо во репрезентативните термини постојано да игра со добро познати европски противници, „црвено-жолтите“ би можеле да добијат можност за атрактивни дуели со репрезентации од друг континент, ако дојдеме до таа фаза од натпреварувањето.

Новото натпреварување би заменило дел од постоечките репрезентативни натпревари, а приходите во значителна мера би се распределувале меѓу учесниците, што би било особено значајно за помалите федерации. Во иднина проектот би можел да се прошири и со Азиската фудбалска конфедерација, што би значело уште поголем број потенцијални противници од различни делови на светот.