Почнува Премиер лигата: Се потрошија милијарди, „новите“ Сити и Ливерпул го ловат Арсенал!
По лето во кое англиските клубови потрошија повеќе од 2,14 милијарди фунти на нови фудбалери, најсилното првенство во Европа повторно се враќа на сцената. До крајот на преодниот рок се очекуваат уште големи трансфери, а дополнителна неизвесност носи и фактот што неколку од најголемите клубови во сезоната влегуваат со нови менаџери.
Арсенал, предводен од Микел Артета, ја започнува сезоната како актуелен шампион и еден од главните фаворити за нова титула. За разлика од повеќето конкуренти, „топчиите“ имаат стабилност на клупата и веќе изграден систем на игра. Лондонци обезбедија и сериозни засилувања, а најзвучно е доаѓањето на Бруно Гимараеш од Њукасл за 75 милиони фунти. Од Бриж пристигна и крилниот напаѓач Христос Цолис за 34 милиони фунти, откако минатата сезона имаше директно учество во дури 51 гол.
Одбраната дополнително беше засилена со Пјеро Инкапи од Баер Леверкузен, платен 34,5 милиони фунти, а се очекува и финализирање на трансферот на англискиот репрезентативец Езри Конса од Астон Вила. „Топчиите“ веќе испратија сериозна порака пред стартот на првенството, убедливо победувајќи го Манчестер Сити (3-0) во „Комјунити шилд“.
„Граѓаните“, пак, влегуваат во една од најинтересните фази во својата понова историја. По заминувањето на Пеп Гвардиола, започнуваат нова ера, а составот претрпе сериозни промени. Најскапото засилување е Елиот Андерсон од Нотингем Форест, за кого се платија огромни 116 милиони фунти. Пристигнаа и неколку млади фудбалери, но од „Етихад“ заминаа Бернардо Силва, Џон Стоунс, Родри и Тијани Рејндерс. Сити допрва треба да биде активен на пазарот, особено во средниот ред, а со Ерлинг Халанд, Фил Фоден, Жереми Доку и останатите офанзивци, тимот и понатаму има доволно квалитет за напад на врвот.
Ливерпул исто така започнува ново поглавје. По разделбата со Арне Слот, на клупата седна Андони Ираола, кој во Борнмут се прослави со агресивен фудбал, висок пресинг и огромен интензитет. „Црвените“ претрпеа сериозни промени во составот, а клубот го напуштија Мохамед Салах, Ибрахима Конате, Ендрју Робертсон и Кертис Џонс. Од друга страна, пристигнаа Жереми Жаке од Рен и Роналд Араухо од Барселона, додека нападот беше засилен со Виктор Муњоз од Осасуна. Ливерпул сака да доведе уште крила, а главна мета е Бредли Баркола од ПСЖ. Големото прашање е колку брзо Ираола ќе успее да го наметне својот стил во екипа која претрпе толку големи промени.
Манчестер Јунајтед, под водство на Мајкл Карик, минатата сезона заврши трет и се врати во Лигата на шампионите. „Црвените ѓаволи“ летово се фокусираа на средниот ред, каде што пристигнаа Андреј Сантос од Челзи за 48 милиони фунти и Јури Тилеманс од Астон Вила за 35 милиони. Клубот е блиску и до Карлос Балеба од Брајтон. Расмус Хојлунд замина во Наполи за 43,2 милиони фунти, додека Каземиро си замина како слободен агент. Маркус Рашфорд се врати од позајмицата во Барселона и се очекува да биде дел од плановите на Карик.

Челси повторно има нов тренер, а овојпат на „Стемфорд бриџ“ пристигна Чаби Алонсо. „Сините“ повторно беа меѓу најактивните на пазарот, а рекордното засилување е Морган Роџерс од Астон Вила, платен неверојатни 117 милиони фунти. Во дефанзивата пристигнаа Максенс Лакроа и Марко Палестра, а тимот дополнително се засили со неколку млади фудбалери. Алонсо на располагање ќе има огромен офанзивен потенцијал со Кол Палмер, Жоао Педро и Педро Нето, но останува да се види дали Шпанецот ќе успее брзо да го спои големиот број нови имиња.
И Тотнем со Роберто Де Зерби на клупата направи сериозна реконструкција. Најзвучните имиња се Сандро Тонали од Њукасл, платен 100 милиони фунти, и Матеуш Фернандеш од Вест Хем за 85 милиони. Пристигна и искусниот Ендрју Робертсон, а Тотенхем ги следи и Савињо, Омар Мармуш и Коди Гакпо. Без европски обврски, Де Зерби ќе има повеќе време за работа со тимот и ќе се обиде да го врати Тотенхем во борбата за европските позиции.
Астон Вила на Унаи Емери ги загуби Морган Роџерс и Јури Тилеманс, но ангажираше Жоао Гомеш, Јохан Манзамби и Алехандро Гарначо на позајмица. Вила повторно цели кон Топ 6, а Емери со настапите во Лигата на шампионите ќе има сериозен предизвик да го одржи тимот конкурентен на сите фронтови.

Њукасл, пак, започнува целосно нова етапа со Матијас Јајсле, по заминувањето на Еди Хау и продажбата на Бруно Гимараеш, Тонали и Ентони Гордон. Нотингем Форест со Оливер Гласнер ја засили одбраната со Осман Диоманде, додека Сандерленд ќе се обиде да ја повтори одличната минатогодишна сезона.
Борнмут, Брентфорд и Брајтон го задржаа јадрото од минатата сезона и повторно ќе атакуваат на европските позиции. Во таа група амбиции има и Фулам. Евертон и Кристал Палас се засилија со цел да избегнат борба за опстанок, додека новите прволигаши Ковентри, Хал Сити и Ипсвич направија сериозни реконструкции за да не бидат само едносезонски членови на елитата.
Лидс, исто така, има амбиции за подобар пласман.