Бабунски промаши пенал: Струга го совлада Вардар во дербито!

Фудбалерите на Струга триумфираа во дербито против Вардар со 1-0 во третото коло од Првата македонска фудбалска лига.

Првото полувреме не понуди многу возбудувања, иако Струга беше поблиску до водство, откако постигна гол во 38. минута преку Радески, но истиот беше поништен поради офсајд.

Радески потоа имаше уште една голема шанса пред голот на Талески, меѓутоа чуварот на мрежата на „црвено-црните“ успеа да ја зачува мрежата.

Вардар се закани на спротивната страна со удари од далечина преку Кастањеда и Бабунски, но не го загрози посериозно голот на домаќините.

Струга до предност стигна дури во 61. минута кога Христијан Малески постигна прекрасен гол во мрежата на Вардар.

Актуелниот шампион до крајот на средбата се бореше да ја анулира негативата, а имаше и пенал во финишот, меѓутоа Давид Бабунски не го реализираше.

Струга е на делба на првата позиција со Силекс со по седум бодови, додека Вардар е на седмото место со три поени по три одиграни кола.

Вечерва со натпреварот меѓу Шкендија и Брегалница, кој ќе почне од 19 часот, ќе биде комплетирана оваа рунда во Првата лига.

Фото: ФК Струга