РК Вардар почна да продава сезонски билети за - три натпреварувања во две сали!
Во пакетот се вклучени сите средби од групната фаза во Лигата на шампионите што Вардар ќе ги игра на домашен терен, како и натпреварите од домашното првенство и Регионалната лига. Продажбата на сезонските билети треба да почне за неколку дена. Во моментов клубот ја тестира платформата преку која ќе се врши продажбата, а дополнително ќе биде соопштен точниот термин од кога навивачите ќе можат да обезбедат сезонска карта.
За натпреварите во СЦ „Јане Сандански“, секој сопственик на сезонски билет ќе има свое нумерирано место, кое ќе може да го избере при купувањето. Во оваа сала ќе се играат сите домашни средби од Лигата на шампионите, како и дерби-пресметките со Пелистер, Охрид и Алкалоид во регуларниот дел и во разигрувањето за шампионската титула. Таму ќе се играат и натпреварите од Регионалната лига за кои ќе има поголем интерес.
Дел од средбите во домашното првенство и Регионалната лига ќе се играат во салата „Расадник“. За нив нема да има нумерирани места, но сезонскиот билет ќе гарантира влез во салата. Секој што ќе купи сезонски билет ќе добие пластифицирана карта која ќе важи за сите натпревари опфатени со пакетот. По завршувањето на продажбата на сезонските билети, Вардар ќе почне и со продажба на поединечни влезници за секој натпревар.