Тамба по триумфот над Вардар: Мора да останеме цврсто на земја и да се фокусираме на Европа!
Крилниот напаѓач влезе во игра на почетокот на второто полувреме, а потоа за само 20 минути двапати ја затресе мрежата на Вардар — во 52. и 72. минута — за втора победа на Шкендија во првенството. По натпреварот, Тамба не го криеше задоволството од својата партија, но истакна дека тимот мора веднаш да се насочи кон следниот предизвик.
„Можам да кажам дека беше тежок натпревар поради временските услови, бидејќи беше многу жешко. Но, одигравме добро и во второто полувреме влеговме со поинаков менталитет. Излеговме на терен и им покажавме дека сакаме да го добиеме натпреварот, а тоа и го направивме“, изјави Тамба.
За него ова беше особено успешен настап против Вардар. Тамба и пред две сезони постигна гол на дебито против истиот противник, но не сака својата добра серија против скопскиот тим да ја гледа како нешто посебно.
„Не би рекол дека овој тим ми одговара. Едноставно влегов во игра и покажав став, онака како што бараше тренерот и како што сите очекуваа од мене. Тоа и го направив. Секако дека сум среќен што постигнав два гола. Како што видовте, и минатата година беше истото — постигнав гол на мојот прв натпревар, повторно беше истото дерби“, рече напаѓачот.
Тој веднаш го сврте вниманието кон европскиот предизвик кој следува во четврток.
„Од сега натаму, мислам дека треба да останеме со нозете на земја и да се фокусираме на четврток, бидејќи имаме многу важен натпревар“, порача Тамба.
Победата над Вардар, според него, може да биде дополнителен мотив пред европскиот натпревар, особено затоа што Шкендија овојпат ќе ја има поддршката од своите навивачи.
„За следниот натпревар ни треба огромна мотивација. Мора да бидеме многу силни ментално. Ни требаат сите. Денес немавме можност да ги имаме нашите навивачи со нас, но во четврток ќе ги имаме и ќе го дадеме најдоброто од себе. Оваа денешна победа многу ќе ни помогне“, додаде Тамба.
Шкендија така по две кола има максимални шест бода и гол-разлика 5-0, а по успешниот старт во домашното првенство сега целосниот фокус е насочен кон европската сцена.