Фернандез недопирлив на „Силверстон“ – Шпанецот до втора победа во Мото ГП!

Возачот на Трекхаус, Раул Фернандез, триумфираше на Големата награда на Британија, 12. трка од сезоната во Мото ГП шампионатот, која се возеше на легендарната патека „Силверстон“.

Шпанецот доминираше во текот на целата трка и ја запиша втората победа во кралската класа, прва по триумфот на „Филип Ајланд“ во октомври минатата година. Со овој успех Фернандез стана и 12. различен победник на британското Гран При во последните 12 изданија. Toj уште во првиот круг создаде предност од околу една секунда, а потоа сигурно ја контролираше трката и не им дозволи на ривалите сериозно да му се заканат. Низ целта мина со две и пол секунди предност пред Хорхе Мартин од Априлија.

Место на подиумот обезбеди и Марко Бецеки, кој и покрај неодамнешната скршеница на клучната коска успеа да заврши на третата позиција. Со второто и третото место на Мартин и Бецеки, Априлија комплетираше одличен настап на „Силверстон“. Мартин имаше проблем уште на стартот, кога поради техничка непријатност со системот за подигнување на мотоциклот ја загуби првата позиција. Сепак, брзо се врати во посакуваниот ритам, а во средината од трката го мина Бецеки и го обезбеди второто место.

Најголема неизвесност имаше во битката за последната позиција на подиумот. Алекс Маркес во неколку наврати го нападна Бецеки, но Италијанецот издржа и го задржа третото место. Toj на крајот мораше да се задоволи со четвртата позиција, пред Педро Акоста и Фабио ди Џанантонио. Актуелниот шампион Марк Маркес немаше викенд за паметење и заврши како седми, а меѓу најдобрите десет се пласираа уште Бред Биндер, Лука Марини и Диого Мореира.

Трката ја завршија 16 возачи, додека меѓу оние кои не стигнаа до целта беа Аи Огура и Франческо Бањаја. Во генералниот пласман Хорхе Мартин останува лидер со 240 бодови, 31 повеќе од Марко Бецеки, додека трет е Аи Огура со 203. Следниот предизвик во Мото ГП шампионатот е Големата награда на Арагон, која ќе се вози од 28 до 30 август.