Македонскиот Престон Лајонс ја прегази „грчката гордост“ и дојде до Докерти купот (ФОТО)

Најпознатиот фудбалски клуб на македонската заедница во Австралија, Престон Лајонс, оствари голем успех, откако по вторпат во својата историја го освои престижниот Докерти куп.

Во големото финале одиграно во Мелбурн, Престон со пресврт славеше против големиот ривал Хајделберг Јунајтед (3-1), клуб традиционално поврзан со грчката заедница во Австралија. Натпреварот на стадионот „Лејксајд“ се играше пред преполни трибини и под засилени безбедносни мерки, а големото ривалство донесе тензии уште од почетните минути.

Хајделберг прв стигна до предност со погодокот на Николас Дуарте, но Престон одговори уште пред заминувањето на одмор. Зак Чанчи го постигна израмнувачкиот погодок, а Стефан Зини се погрижи за целосен пресврт и водство на Престон на полувремето. Хајделберг во продолжението се обидуваше да се врати во натпреварот, но Престон ја сочува предноста, а големата победа ја потврди Лука Тевере со погодок во судиското продолжение за конечни 3-1 и почеток на големото славје на македонската заедница во Мелбурн.

За Престон Лајонс ова е втор трофеј во Докерти купот и прв по пауза од дури 34 години. Премиерниот успех го оствари во 1992 година, кога клубот настапуваше под името Престон Македонија. Клубот е основан во 1948 година од македонски доселеници во Мелбурн и со децении претставува еден од најзначајните спортски симболи на македонската заедница во Австралија.

Новиот трофеј доаѓа само две недели по уште еден голем успех на Престон. Во националниот Куп на Австралија, „лавовите“ приредија сензација совладувајќи го бранителот на трофејот Њукасл Џетс со 3-2 и обезбедувајќи пласман во осминафиналето.