Сензација од Бразил: Немјар наскоро повторно ќе игра во ист тим со Меси!

Бразилската суперѕвезда Нејмар би можела на почетокот од следната година да се пресели во Интер Мајами и повторно да заигра заедно со поранешните соиграчи од Барселона - Лионел Меси и Луис Суарез.

Ваквото тврдење го изнесе неговиот поранешен соиграч од бразилската репрезентација и близок пријател Фелипе Мело, кој откри дека во опкружувањето на Нејмар веќе се зборува за негово заминување во САД. Планот е 34-годишниот Бразилец да го напушти Сантос по истекот на договорот и да се пресели во Мајами, каде што би се обединил со Меси и Суарез. Со тоа повторно би било составено славното напаѓачко трио „МСН“, кое своевремено беше страв и трепет за противничките одбрани во Европа. Меси, Суарез и Нејмар заедно настапуваа за Барселона од 2014 до 2017 година и во тој период постигнаа вкупно 363 голови.

Тројката беше еден од симболите на една од најуспешните генерации на каталонскиот гигант, а врвот го достигна во сезоната 2014/15, кога Барселона ја освои тројната круна. Нејмар се врати во матичниот Сантос во јануари 2025 година по неуспешната епизода во Ал Хилал, каде што голем број повреди не му дозволија да остави посериозен белег. Бразилецот претходно настапуваше и за ПСЖ, во кој во 2017 година замина од Барселона за рекордни 222 милиони евра.