Сите им се смеат на Србите: Потрошија 28 милиони евра за стадион со терен како - нива (ВИДЕО)

Состојбата на фудбалските терени често е тема на Балканот, но фотографиите од Србија покажуваат дека ниту огромните инвестиции не се гаранција за квалитет ако изостане соодветното одржување.

Натпреварот од Првата лига на Србија помеѓу Бор и Напредок (1-0) остана во сенка на катастрофалната состојба на тревникот на стадионот „Краљевица“ во Заечар, објект чија изградба чинеше дури 28 милиони евра. Фотографиите од теренот брзо го привлекоа вниманието на српската спортска јавност, но и на таа во целиот регион. На големи делови од подлогата речиси и да нема трева, па наместо модерен фудбалски терен може да се забележат огромни површини со земја.

Ситуацијата е уште поневеројатна ако се знае дека станува збор за стадион отворен пред помалку од три години и изграден со амбиција да ги исполнува високите европски стандарди.

„Што се случило со тревната, хибридна подлога и што ја уништило, не знаеме, но јасно е дека постои огромен проблем“, пишуваат српските медиуми.

Стадионот „Краљевица“ свечено беше отворен во ноември 2023 година, а на церемонијата присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот претседател на Република Српска, Милорад Додик. При отворањето беше потенцирано дека објектот е изграден според највисоките стандарди на УЕФА и дека располага со 8.168 седишта. Само неколку години подоцна, сликата е сосема поинаква. Катастрофалната состојба на тревникот отвори сериозни прашања околу начинот на кој се одржува објектот во кој беа вложени 28 милиони евра.