Вардар сака да покаже зошто е шампион, Шкендија цели трите бода да ги однесе во Тетово

Денеска со почеток од 17 часот Вардар ја пречекува Шкендија во најголемото дерби во Првата македонска фудбалска лига, најсериозните кандидати го имаат првиот дуел од четирите лигашки оваа сезона.

Голманот на Вардар кој претходно ја чуваше мрежата и на Шкендија, Давор Талески, вели дека денеска треба да покажат зошто се шампиони на Македонија.

„Нѐ очекува дерби натпревар против Шкендија веќе во второто коло. Се подготвувавме добро во текот на целата недела и се надеваме дека ќе се покажеме во вистинско светло. Имаме респект за Шкендија, која има одличен тим, но ние сакаме да покажеме зошто сме шампиони“, изјави Давор Талески за официјалниот сајт на ФФМ.

На спротивната страна, на голот на Шкендија ќе биде Ферат Рамани кој вели дека одат по победа во Скопје.

„Секогаш сме максимално подготвени и за нас секој натпревар има исто значење. На секој терен излегуваме со една единствена цел – да победиме. Без разлика кој е од спротивната страна, ги следиме замислите на шефот на стручниот штаб и на теренот го даваме последниот атом од силата. Како и секогаш, одиме само на победа, ништо друго. Екипата е подготвена. Иако чувствуваме малку замор од патувањето и силниот ритам, тоа е фудбалот – подготвени сме за секој предизвик. Утре одиме без калкулации по сите три бода“, порача Рамани преку сајтот на ФФМ.