Положани: Реваншот во Скопје ќе биде нашата шанса
Шкотскиот претставник поведе во 74. минута преку Лоу, но Шкендија брзо возврати. Само две минути подоцна, Марко Ѓорѓиевски израмни на 1-1 по одличната асистенција на Зејнулаи. Сепак, домаќините до победата стигнаа во самиот финиш, кога Охора погоди во 90. минута по прекин.
Тренерот Артим Положани по натпреварот оцени дека ремито ќе било најреален исход, но жали за начинот на кој неговата екипа го прими вториот гол.
„Со тоа што го покажаа двете екипи на теренот, мислам дека нерешен резултат ќе беше најправеден. Но начинот на кој го примивме голот, по прекин во самиот финиш, навистина нè разочара бидејќи можеше да се избегне. Сепак, останува реваншот и сигурно ќе се обидеме да го дадеме максимумот во Скопје“, изјави Положани.
Тој истакна дека Шкендија имала проблеми во дефанзивата во првото полувреме, особено поради принудните промени во составот, но смета дека тие недостатоци биле коригирани по паузата.
„Во првото полувреме имавме проблеми во одбранбената фаза, бидејќи Зејнулаи не играше на својата природна позиција, но се жртвуваше за тимот. Во второто полувреме тоа го подобривме и со малку поголемо внимание можевме да останеме непоразени“, додаде стратегот на тетовци.
Во пресрет на реваншот, Положани верува дека временските услови во Скопје би можеле да бидат мала предност, но нагласува дека неговата екипа пред сè мора да ја одигра својата игра.
„Во моето искуство шкотските екипи знаеле да имаат проблеми со временските услови, но најважно е ние да ја завршиме нашата работа и да ги исполниме задачите. Ќе направиме сè за да се квалификуваме, а тоа би било фантастично за играчите, клубот и стручниот штаб“, порача Положани.
Реваншот меѓу Шкендија и Хиберниан ќе се одигра следниот четврток во Скопје, а македонскиот претставник ќе се обиде да ја надомести минималната негатива и да избори место во плејофот на Конференциската лига.