Нов предизвик за Иџе - ќе биде прв Македонец кој ќе вози прототип болид!
Со тоа, Стефановски ќе стане првиот македонски натпреварувач што ќе се трка со ваков тип на возило на официјални меѓународни натпревари, што претставува значаен момент за домашниот автомобилизам.
„Отворам ново поглавје во мојата кариера. За овој момент сонувам цел живот. Ќе бидам првиот возач од Балканот кој ќе настапува со прототипот Норма, еден од само 12 вакви болиди произведени во светот. Станува збор за исклучително моќно возило, прототип чија технологија и перформанси се блиски до болидите во Формула 1. Денес го тестирам токму на Водно, местото каде што започна мојата тркачка приказна. Со овој болид влегуваме во нова категорија, со исклучително силна и бројна конкуренција. Верувам дека и во оваа класа ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме за нови подиуми на европските ридски трки“, изјави Стефановски.
Прототипот со кој ќе настапува е специјално развиен за ридски трки и претставува врв на современото инженерство. Благодарение на лесната конструкција, напредната аеродинамика и одличниот сооднос меѓу тежината и силата, болидот е создаден за максимални перформанси на најпредизвикувачките патеки.
Возењето на вакво возило бара исклучителна физичка подготвеност, големо искуство и максимална концентрација, а токму тоа ќе биде следниот тест за македонскиот шампион.
Со овој потег, Игор Стефановски – Иџе не само што отвора ново поглавје во својата кариера, туку испишува нова страница во историјата на македонскиот автомобилизам.

