Голем успех: Македонските кадети обезбедија место во Топ 16 на ЕП

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија официјално обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 селекции на континентот.

Нашите млади ракометари го освоија второто место во својата група од разигрувањето, а како најдобропласирана второпласирана репрезентација изборија учество во топ 16 фазата, каде ќе продолжат да се борат за конечен пласман од деветтото до 16. место. Клучна беше денешната победа на Швајцарија против Чешка бидејќи со евентуален триумф на Чесите со два или повеќе разлика, нашите кадети немаше да бидат најдобри второпласирани и ќе се бореа за пласман од 17. до 24. место.

Со овој резултат Македонија го оствари и примарниот резултатски приоритет – обезбеди опстанок во елитната дивизија на европскиот кадетски ракомет. Воедно, овој успех носи и пласман на младинското Европско првенство во 2028 година, што претставува дополнителна потврда за квалитетот на оваа генерација.

Својот следен противник во борбата за пласман од деветтото до 16. место, македонската кадетска репрезентација ќе го дознае наскоро.