Хаџиевски експресно најде нов клуб: Македонскиот стратег се пресели во Дубаи!

Еден од најискусните македонски тренери, Ѓоко Хаџиевски (71 година), нема долго да паузира по разделбата со Спартак Варна, откако кариерата ќе ја продолжи во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) како нов предводник на тимот на Ал Медина Вондерерс од Дубаи.

Само неколку дена по заминувањето од бугарскиот клуб, Хаџиевски веќе пристигна во Дубаи, каде ќе го започне својот нов тренерски ангажман. Ал Медина Вондерерс настапува во понизок ранг на натпреварување, а клупското раководство верува дека токму богатото искуство на македонскиот стратег ќе помогне во остварувањето на повисоките амбиции во наредниот период.

За Хаџиевски ова не е ништо ново, бидејќи арапскиот фудбал одлично го познава. Во текот на кариерата успешно работеше во бројни клубови од регионот, меѓу кои Наџран, Ал-Тавон, Ал-Кадсија, Хата, Ал-Џафра, Емирејтс, Хаџер и Хајер. Новиот ангажман во Дубаи е вкупно 34-ти во богатата тренерска кариера на еден од најтрофејните македонски стратези.

Интересно, Хаџиевски во ОАЕ ќе има и семејно друштво. Пред неколку дена и неговиот внук Георг Стојановски го напушти Спартак Варна и треба да потпише договор со новиот прволигаш Лусијал.