Поранешна министерка фрли сомнеж врз титулата на Франција од 1998 - за „триколорите“ немало допинг контроли

Светската титула на Франција од 1998 година повторно е во центарот на вниманието, откако поранешната француска министерка за спорт, Мари-Жорж Буфе откри дека непосредно пред Мундијалот биле прекинати ненајавените допинг-контроли на тогашната репрезентација.

Буфе, која беше министерка во периодот од 1997 до 2002 година, за првпат јавно призна дека ваквата одлука била донесена по незадоволството што го изразиле фудбалерите, селекторот Еме Жаке и Француската фудбалска федерација за време на подготовките во Тињ во 1997 година. Информацијата ја изнесе во документарниот филм „Зидан, создавањето на една легенда“.

Според неа, иако тогашните тестови на урина биле негативни, било одлучено повеќе да не се спроведуваат ненадејни проверки за да не се нарушува подготовката на националниот тим.

Лекарот Ален Гарние, кој ги спроведувал контролите, изјавил дека му било соопштено оти повеќе нема да има проверки на репрезентацијата. Буфе потврди дека тоа навистина се случило, додавајќи дека по завршувањето на Светското првенство повторно продолжила борбата против допингот.

Откритието повторно ги отвори прашањата за условите под кои Франција ја освои својата прва светска титула на домашен терен во 1998 година. Сепак, нема информации дека тогашните фудбалери биле позитивни на допинг-тестови, ниту дека резултатите од шампионатот некогаш биле официјално доведени во прашање.