Невиден парадокс: Шампионот на Франција исфрлен од лига

Кризата во Монако продолжува да се продлабочува. Француската кошаркарска федерација официјално ја одби жалбата на актуелниот шампион, што значи дека клубот нема да добие професионална лиценца и нема да може да настапува ниту во Првата, ниту во Втората француска лига во сезоната 2026/27.

Одлуката следува откако Апелационата комисија оцени дека клубот не ги исполнил сите потребни услови и не ја доставил целосната документација во рокот што му беше дополнително одобрен. Со тоа пропадна и последниот обид Монако да ја промени првичната одлука за исфрлање од домашните натпреварувања.

Во изминатите денови се појавија информации дека поранешниот НБА ас Џамал Машбурн е подготвен да го преземе клубот преку инвестициски фонд и да обезбеди финансиска стабилност, но тоа не беше доволно за француските власти да ја променат својата одлука.

Од Монако соопштија дека ќе продолжат да работат на исполнување на сите регулаторни барања и најавија дека ќе ги искористат сите правни механизми за да се обидат да ја поништат одлуката. Следниот чекор за клубот е жалба до Францускиот олимписки комитет, а потоа и можност случајот да заврши пред Управниот суд.

Ситуацијата претставува невиден парадокс затоа што Монако е шампион на Франција, но и огромен удар за еден од најсилните европски клубови во последните години, кој беше меѓу најдобрите екипи на континентот. Неизвесно останува како оваа одлука ќе влијае и врз иднината на клубот во европските натпреварувања.