Баерн Минхен наследникот на Хари Кејн го пронајде на - „Олд Трафорд“!

Екипата на Баерн Минхен и натаму внимателно ја следи ситуацијата со словенечкиот напаѓач Бенјамин Шешко и не се откажува од идејата во иднина да го доведе на „Алијанц Арена“.

Според германскиот новинар Кристијан Фалк словенечкиот репрезентативец и понатаму е високо на листата на желби на германскиот шампион, иако минатото лето направи трансфер во Манчестер јунајтед за околу 75 милиони евра. Шешко засега не ги оправда целосно очекувањата на „Олд Трафорд“, но во Минхен веруваат дека 23-годишниот напаѓач сè уште има огромен потенцијал за развој. Во Баерн веќе размислуваат за периодот по Хари Кејн. Англискиот голгетер сè почесто се повлекува подлабоко во средниот ред, учествува во организацијата на играта и создава простор за соиграчите, поради што во клубот гледаат можност во иднина покрај него да игра класичен центарфор.

„На сите им е јасно колку е важен Кејн за играта на Баерн со своите додавања и креативност. Веќе покажува дека може да игра поповлечено и да отвори простор за вистински напаѓач пред него“, изјавил Фалк.

Тој открива дека Баерн сериозно размислувал да го ангажира Шешко уште во 2024 година, по доаѓањето на тренерот Компани, но тогаш цената била превисока. Тоа му овозможи на Манчестер јунајтед една година подоцна да го реализира трансферот. Во меѓувреме, Баварците го доведоа Исмаел Саибари, кој може да покрие слична улога, но Шешко и натаму останува интересна опција.

„Идејата за таков тип напаѓач сè уште постои. Баерн ќе види дали Саибари ќе може да ја исполни таа улога оваа сезона, а потоа ќе процени дали му е потребен играч како Шешко. Словенецот и понатаму е на листата и е многу интересен за Баерн. Ако не успее целосно да се наметне во Премиер-лигата, не е исклучено повторно да се активира интересот“, наведува Фалк.