Илиевски ѝ се враќа на тренерската професија - ќе го предводи Маџари!

Двојниот освојувач на Балканската лига (БИБЛ), Марјан Илиевски, е новиот тренер на кошаркарскиот вицешампион Маџари, објавија денеска од клубот кој имаше дебитантска сезона од соништата.

За него тоа е враќање на тренерската клупа, со оглед што последен пат на оваа фунција беше кон крајот на 2023 година, кога се повлече од Пелистер и остана да работи само како спортски директор. Минатото лето ја презеде улогата на селектор на Македонија, која неочекувано ја напушти по неуспешниот настап во претквалификациите за СП 2027 и само два натпревари од првата претквалификациска фаза за ЕП 2029.

Илиевски до двете меѓународните титули дојде со Блокотехна и со Приштина, а има работено како тренер и во Лирија, Кожув и косовскиот тим Раховеци. Играчката кариера, пак, ја почна токму во тимот на Маџари, каде што сега се враќа како тренер, а важи и за еден од косопствениците на обновениот култен скопски тим.

Пред Маџари е уште една историска сезона во која првпат ќе се проба и на интернационална сцена и тоа во АБА2 лигата.