Словенија е првиот предизвик за македонските кадети на ЕП во Белград!

Македонската машка кадетска репрезентација денеска го започнува настапот на Европското првенство (ЕП) за играчи до 18 години во Белград, а прв ривал на избраниците на селекторот Горан Кузманоски ќе биде селекцијата на Словенија (12 часот).

Нашите млади ракометари ги очекува исклучително тежок предизвик уште во групната фаза, каде што покрај Словенија ќе се соочат и со силните селекции на Франција и Шведска. Словенците на претходниот континентален собир пред две години го освоија деветтото место и важат за сериозен противник, но македонските надежи веруваат дека можат со позитивен резултат да го отворат шампионатот. Љубителите на ракометот во Македонија ќе можат во живо да го проследат денешниот натпревар, кој ќе биде директно пренесуван на Арена Спорт МК.

Пласман во главната фаза ќе обезбедат шесте победници на групите, како и двете најдобро пласирани второпласирани репрезентации, што значи дека секој бод може да има огромно значење во битката за продолжување на европската авантура.