Новиот Пелистер продолжува да се засилува - потпиша со младински репрезентативец!

Екипата на Пелистер продолжува со засилувањата за новата сезона, во која влегува со нова управа и нов стручен штаб, а најново име во ростерот на битолскиот суперлигаш е еден од најталентираните македонски кошаркари, Коста Ќириловски.

Дваесетгодишниот бек во Битола пристигнува од Кожув, каде што ја мина втората полусезона од минатата натпреварувачка година. Пред настапите во Гевгелија, Ќириловски беше дел од Студент, развојниот тим на Игокеа. Во дресот на Кожув минатата сезона бележеше просек од 5,5 поени за околу 14 минути на теренот, а својот голем потенцијал уште еднаш го потврди на неодамнешното ЕП за играчи до 20 години во Б-дивизијата. На средбите во Братислава беше меѓу најдобрите поединци во македонската репрезентација со просек од 13,1 поен по натпревар.

За Пелистер ова е третото засилување ова лето, откако претходно беа ангажирани Благој Димитриев и Американецот со македонско потекло Алонзо Едвард Денинг. Тренерската функција во меѓувреме ја презеде Тане Спасев.