Историска казна: Бразилец суспендиран додека не оздрави фудбалерот на кого му скрши нога (ВИДЕО)

Бразилскиот фудбал доби преседан каков што досега не е забележан, откако Врховниот спортски арбитражен суд донесе несекојдневна одлука во случајот со Виктор Габриел, фудбалер на Интернасионал од Порто Алегре.

Судот одлучи Габриел да биде суспендиран сè додека целосно не закрепне Габриел Пек, фудбалерот кого тешко го повреди на меѓусебниот натпревар минатата среда. Инцидентот се случи во 58. минута, кога Виктор Габриел со отворен ѓон опасно стартуваше врз ногата на својот противник. Ударот предизвика длабоки расекотини од копачките, а болничките прегледи покажаа и скршеница на потколеничната коска. Пек веднаш беше опериран поради сериозноста на повредата.

Судијата веднаш му покажа директен црвен картон, но бразилските спортски власти оценија дека вообичаената суспензија од неколку натпревари не е соодветна на последиците од стартот. Поради тоа, Врховниот спортски арбитражен суд донесе одлука без преседан – Габриел нема да има право на настап сè додека Пек не закрепне доволно за повторно да почне да тренира. Според првичните лекарски прогнози, закрепнувањето на повредениот фудбалер ќе трае околу шест месеци, што значи дека и Габриел би можел да биде надвор од терените приближно ист период.

На сослушувањето пред судот, Габриел изјавил дека немал намера да го повреди противникот, но тоа не влијаело врз конечната одлука. Овој случај веќе отвори широка дебата во Бразил и пошироко – дали ваквиот модел на казнување би можел да стане практика и во други фудбалски натпреварувања или ќе остане единствен преседан во историјата на спортот.