Данев: Тешко беше да се издржи со фудбалер помалку на теренот

Вардар ја заврши својата европска одисеја за оваа сезона откако вчера, по голема борба, загуби од Рига со 2-5 по продолженија иако до 87. минута имаше резултат што го води понатаму.

На двете европски пресметки, македонскиот првак играше по продолженија и имаше победи по 90 минути, но потоа капитулираше и сега ги насочува сите сили кон домашното првенство. Еден од најмладите во тимот Димитар Данев ја анализира играта на Вардар на вчерашниот натпревар и ги лоцира причините за поразот и елиминацијата.

„Сите играчи што бевме на терен го дадовме својот максимум за Вардар и се боревме секоја минута што ја добивме. Имавме добар старт, потоа добивме црвен картон ама и покрај тоа тактички бевме дисциплинирани и му париравме на противникот. Потоа примивме гол на три минути до крај, а во продолженијата тешко беше да се издржи со играч помалку на теренот“, рече Данев.

По елиминацијата на Вардар, на европска сцена од македонските клубови останува само Шкендија која утре го игра реваншот со словенечкиот Браво.